Ѓоковиќ има нова шанса да стане само третиот со барем 100 АТП титули во кариерата

Српскиот тенисер се уште нема трофеј во 2024 година кога станува збор за АТП турнирите, а на пехар чека веќе 11 месеци, односно од завршниот Мастерс во Торино лани.

Денеска тој игра во финалето на Мастерсот во Шангај против Јаник Синер и може да стави крај на лошата серија, таму каде што е најуспешен со четири трофеи, но каде не играл од 2019 година. Овој турнир нема голема традиција, почна да се одржува во 2009 година, но Ѓоковиќ никогаш не криел дека таму се чувствува најпријатно и дека ужива пред кинеските фанови.

Токму таму денеска може да влезе во одбрано друштво во светскиот тенис. На Ѓоковиќ му треба еден трофеј за да стигне до бројката од 100 во својата, граница која досега успеале да ја достигнат само двајца тенисери во историјата. Најуспешен е Џими Конорс со 109, а на второ место е Роџер Федерер со 103. Лендл застана на 94, а Надал на 92, додека останатите се далеку назад со тоа што најблиску е Џон Мекинро со 77. Денешното финале е само второ за Ѓоковиќ во 2024 година откако до мечот за титулата стигна и на Вимблдон, но таму беше буквално растурен од Алкараз.

Од друга страна, Синер ќе се бори за седмиот трофеј езонава и трет на последните четири турнири на кои настапи откако славеше во Синсинати и на УС Опен. Денешниот дуел ќе биде осми меѓусебен на овие двајца тенисери, Ѓоковиќ води со 4-3, но Синер доби три од последните четири пресметки меѓу кои и онаа во полуфиналето на Австрлија Опен, на почетокот на оваа година. Без разлика на исходот, Италијанецот си го обезбеди првото место на АТП листата до крајот на година и најмалку до завршувањето на Гренд слемот во Мелбурн.