Ѓоковиќ и официјално е најдобар во светот, тргнува во лов по - рекордот на Штефи Граф!

По пауза од скоро осум месеци, Новак Ѓоковиќ од денеска повторно е најдобар тенисер на светот, откако и официјално се искачи на врвот на АТП-листата по триумфот на „Австралија опен“, кој кулминира со убедливата победа во големото финале против Стефанос Циципас.

Тој сега има 7.010 бодови, што е за 340 повеќе од досегашниот лидер, Карлос Алкараз, кој поради повреда не настапи во Мелбурн. Циципас со 6.195 бодови е трет на листата, со пропуштена шанса тој да стане најдобар ако победеше во пресметката на круната во Австралија. За Србинот ова е 374. недела на врвот од АТП-листата и ако биде се како што треба за точно еден месец ќе го урне апсолутниот рекорд на Штефи Граф по период минат како најдобри во светот, со оглед што одамна е рекордер во машкиот тенис.

Сега е прашање само до кога ќе остане најдобар во светот, со оглед што би можел да паузира дури до април, со оглед што ќе го пропушти турнирот во Дубаи поради повреда, а му виси настапот на собирите во Индијан велс и Мајами, бидејќи и понатаму не може да добие американска виза за која се уште е потребна потврда за вакцинација, која тој ја нема.