„Ѓоковиќ е злосторник кој е подобар од хероите и кој постојано - кука и плаче!“

Триумфот на Новак Ѓоковиќ на неодамнешниот „Австралија опен“ не ја зголеми неговата популарност на овој далечен континент, каде што јавноста во најголем дел е против него, што може да се види преку коментарите на социјалните мрежи, но и коментарите на локалните новинари.

Последен во низа со срамни текстови против Србинот е австралискиот новинар Ендрју Вебстер, кој напиша дека никогаш нема да признае дека тој е најголем на сите времиња.

„Дали толку ги сакаме Надал и Федерер, па не можеме да признаеме дека Ѓоковиќ веќе ги надмина и двајцата? Дали толку многу ни пречи нарцисоидноста на Србинот, па не можеме да признаеме колку е добар? Не се нервирам на неговите глупости како другите, рамнодушен сум на нив. Во него гледам тенисер кој е неспособен да ги признае сопствените грешки. Само се жали и кука како медиумите погрешно го претставуваат. Секаде го следи некаква драма, а никако да се погледне во огледало и да праша: 'Можеби е и до мене?'“, пишува Вебстер.

Авторот во продолжение објаснува дека не е воодушевен од начинот на кој игра српскиот тенисер.

„Играта на Ѓоковиќ никогаш нема да биде убава како таа на Федерер, кој од тенисот направи уметност. Никогаш нема да биде вреден за одушевување како Надал, кој храбро игра и покрај повредите и кој никогаш, за разлика од Србинот, не правел игри околу тоа и не го користел за своја предност. Замислете Роже и Рафа да освоеја десетта титула во Мелбурн, нивните статуи веднаш ќе беа излеани пред главниот стадион“, остар е австралискиот новинар.

Вебстер поентира дека причина што Ѓоковиќ ја нема поддршката од јавноста е неговото однесување.

„Ѓоковиќ се расправа со публиката на 'Мелбурн парк' како да е во училишен двор, бара да се исфрлат пијаните и непослушни фанови. Тие не го почитуваат бидејќи и тој не ги почитува нив. Сето ова, сепак, не значи дека не треба да ги почитуваме неговите рекорди. Ако игра уште две-три години, дебатата за најдобриот на сите времиња ќе биде завршена. Хероите се добри колку што се добри и злосторниците, а Ѓоковиќ останува без херои. Ако не успее Надал, кој е во години, нема кој да го запре“, завршува новинарот од „седмиот континент“.