Ѓоковиќ до публиката во Париз: Можеби за последен пат играв тука

Италијанскиот тенисер Јаник Синер се избори пласман во финалето на Ролан Гарос, откако во полуфиналето го совлада Новак Ѓоковиќ со 3-0 во сетови (6-4, 7-5, 7-6(3). Мечот траеше три часа и 17 минути, а Италијанецот сега ќе се соочи со Карлос Алкараз, кој претходно беше подобар од Лоренцо Музети.

По завршувањето на мечот, Ѓоковиќ не можеше да ги задржи емоциите и одржа емотивна прес-конференција на која истакна и дека можеби го одиграл последниот меч во Париз.

„Ова можеби беше мојот последен меч тука. Затоа бев емотивен, бидејќи добив навистина многу од публиката. Не знам што носи утрешниот ден, особено во оваа фаза од кариерата. Ќе продолжам понатаму, следи Вимблдон, ќе дадам сѐ од себе да се подготвам. Таму можеби имам најголеми шанси за уште еден грен-слем, ако не во Австралија...“, изјави Ѓоковиќ.

Негова желба е да игра во Париз и наредната година, меѓутоа засега и самиот не знае како ќе се одвиваат работите.

„Кажав дека може да бил мојот последен меч, не дека е со сигурност. Не знам што ќе се случи за 12 месеци, тоа е предолго време. Би сакал да играм повторно? Да. Дали ќе играм? Не знам. Тоа е сѐ што можам да кажам за сега“, изјави Новак.