Федерер се измачи против Агут за пласман во четвртфинале во Шангај

Швајцарскиот тенисер Роџер Федерер потешко од очекуваното успеа да го победи Шпанецот Роберто Батиста-Агут со 2-1 во сетови.

Швајцарецот одлично го почна првиот сет, па со брејк во четвртиот гем стигна до 6-3 и сите помислија дека многу брзо ќе го заврши Агут, но не беше така.

Во вториот сет, Агут го загуби првиот сервис, но потоа успеа да направи дури три брејка на сервисот на Федерер и да го освои сетот со 6-2.

Во третиот сет повторно се водеше голема борба, а на почетокот Швајцарецот не искористи две брејк топки, па двајцата играа израмнето до 4-4, но потоа по голема борба, Федерер направи брејк за 5-4 и во следниот сервис беше сигурен, па победи со 6-4.

Во следното коло Федерер ќе игра против Кеи Нишикори.