Беше поталентиран од Ѓоковиќ, го победуваше Федерер, ама загуби од – хероинот!

Новак Ѓоковиќ одамна е најдобар српски тенисер на сите времиња, но прашање е дали од почетокот на кариерата би го носел овој епитет, ако се знае дека во северното соседство имало и поталентиран од него, кој потоа самиот си ја уништил кариерата, но и животот.

Станува збор за Никола Гњатовиќ, добро познато име само во српските тениски кругови, кому му предвидувале дека ќе биде меѓу најдобрите во светот, што, за жал, не се случило. Причина за тоа се проблемите со дрогата, поточно со хероинот.

„Уште како јуниор играв за Србија во Дејвис Купот, а во таа конкуренција ги победував Марат Сафин, Фернандо Гонзалес, па дури и Федерер. Немаше стручњак кој не ми предвидуваше место во светскиот врв. Првпат хероин употребив кога имав 21 година и оттогаш почнува мојот пекол. Влегував во проблеми, постојано немав пари, па почнав и да крадам, а тенисот паѓаше во втор план. Се обидував да се вратам, но неуспешно. Во тоа време најголемо задоволство ми беше што не му продадов догра на ниту едно дете, туку само ја користев“, изјави Гњатовиќ.

Тој сега е чист од дрогата и работи како тренер со талентирани деца, кои ја знаат неговата животна сторија, која им ја кажува со цел да не тргнат по неговите погрешни чекори. Целата приказна може да ја прочитате на следниот линк.