Алкараз самоуверен пред финалето: Ќе приредам спектакл и ќе го освојам златото

Во својот прв настап на Олимписките игри, Карлос Алкараз обезбеди пласман во големото финале, но не планира тука да застане.

Негов противник ќе биде последниот претставник од „старата гарда“ Новак Ѓоковиќ, меѓутоа уште пред да стане јасно дека ќе игра со него, Алкараз даде исклучително самоуверена изјава. В недела тој очекува повторување на изданието од финалето на Вимблдон и освојување на златниот медал.

„На Шпанците кои ме следат преку телевизиските екрани, кажете им дека ќе им приредам спектакл во финалето и ќе им го дадам она што го сакаат - златото“, порача Алкараз.

Минатиот месец на Вимблдон тој си поигра со Ѓоковиќ и јасно е дека во моментов се наоѓа во подобра форма од Србинот. Сепак, финалето в недела е последна шанса за Ноле да дојде до злато на Олимписките игри и далеку од тоа дека Алкараз ќе има лесна задача.