Брињоне не скијаше, ама и покрај тоа го освои Големиот кристален глобус!

Италијанската скијачка Федерика Брињоне го освои Големиот кристален глобус во Светскиот куп, откако трката во спуст во Сан Вали беше откажана поради силен ветер и снег.

Ова е нејзина втора титула по триумфот во 2020 година. Брињоне пристигна во Сан Вали со предност од 382 бода пред Лара Гут-Бехрами, која сега нема шанси да ја стигне. Поради неповолните временски услови, откажани беа трките во спуст за мажи и жени, со што титулите во оваа дисциплина им припаднаа на Брињоне и швајцарскиот скијач Марко Одермат.

За Италијанката ова е прв мал кристален глобус во спуст, завршувајќи ја сезоната со 384 бода – 16 повеќе од Австријката Корнелија Хитер. На третото место заврши нејзината сонародничка Софија Гоџа со 350 бода. Кај мажите, Одермат веќе го обезбеди својот четврти последователен Голем кристален глобус, а со 605 бода ја освои и втората титула во спуст. На второто место се најде неговиот сонародник Франц фон Алмен со 522 бода.

Натпреварите продолжуваат во недела со трки во супервелеслалом во двете конкуренции.