
Шаховскиот клуб Алкалоид стартуваше со победа на Европскиот клупски Куп 2021
На првата табла велемајсторот Шахријар Мамедјаров со белите фигури рутински го надигра шведскиот велемајстор Смит Аксел. Шанкланд со црните фигури најпрво ја изедначи позицијата, а потоа ја превзема иницијативата и го победи својот поискусен противник. На третата табла Криворучко во Сицилијанска одбрана спроведе неодбранлив напад на противничкиот крал. На ист начин, креирајќи матен напад, најбрзо до победата стигна новото засилување за Алкалоид, русинот Александр Предке кој играше на петата табла.
Најдолго се бореше Инаркиев, кој со црните фигури прецизно го надигра својот противник. Единствениот пораз за Алкалоид го забележа македонскиот интернационални мајстор Филип Панчевски. Во целина, искуството и повисоката шаховска класа беа доволни за победа, со што шахистите на Алкалоид ја оправдаа улогата на фаворит.
Првото коло помина без изненадувања и во другите мечеви, сите останати фаворити остварија победи: „Меднил Всадник“ Русија, „АВЕ Нови Бор” – Чешка, „КПРФ“ – Русија, „Оверспил чес клуб“ Норвешка. Следен противник на ШК Алкалоид е екипата на „Словен Рума” од Србија.
На женскиот турнир, шахистките на Алкалоид во првото коло се поразени од мариборската екипа „Тајфун“ со 1,5:2,5. Одлична, сигурна победа на првата табла извојува Полина Шувалова, најдобрата светска јуниорка до 20 години, на втората табла Екатерина Аталик и покрај упорната борба мораше да се задоволи со реми. Сепак, противничките беа поуспешни на трета и четврта табла, против Ирина Булмага и Моника Стојковска. Во второто коло претстои дуел на македонските претставници, Алкалоид и МШК Центар.