Јуниорите на ШК Алкалоид импресионираа на државното Екипно првенство во шах

Три екипи од Младинската шаховска школа на „Алкалоид“ станаа државни прваци на Екипното младинско првенство за 2025 година, кое заврши вчера во Скопје.

Импонира тоа што трите титули се освоени во сите највисоки старосни категории, односно за јуниори до 18 години (ЖФМ Моника Жежовска, Никола Павлески, Стефан Мелник, Никола Бошковски и Михаил Маркушески), за јуниори до 16 години (Кирил Николовски, Андреј Иванов, Никола Радоњанин, Петар Ачкоски и Лука Ѓоргиев) и за јуниори до 14 години (Благоја Миновски, Андреј Божиновски, Славен Блажевски, Стилијан Стојковски, Александар Аврамовски, Јована Котушевска). Многу малку недостигаше во оваа група да се најдат и јуниорите до 12 години (Илијана Велева, Лука Симоноски, Марко Стојановиќ, Матеј Диванисов и Марко Кметовиќ-Младеновиќ), кои се најдоа на делба на првото место, речиси сосема изедначено, а титулата беше одлучена дури по четвртиот тај-брејк критериум.

 Турнирот за играчи до 18 години беше исклучително квалитетен, особено за македонски услови. Квалитетот беше сконцентриран во неколку клубови и имаше интересни партии кои заслужуваат да бидат и повторно разгледани, бидејќи беше демонстрирана зрела игра, особено од талентите на клубовите надвор од Скопје, кои дадоа неверојатно силен отпор против фаворитите. За првпат имав можност да бидам капитен на екипата во оваа старосна категорија и бев позитивно изненаден од изедначеноста, како и од зрелоста во играта, особено на првата табла. На турнирот до 12 години беше подеднакво возбудливо. На оваа возраст веќе распознаваме кои се оние кои можат да бидат идната македонска гордост во светот на шахот, се насетуваат идните мајстори и добро е што беше демонстрирано „фајтерство“, кое ќе ги стимулира да продолжат и да се развиваат во светот на квалитетниот шах – рече ВМ Влатко Богдановски, кој беше еден од капитените на јуниорските тимови.

На екипните натпреварувања не е чест случај да се видат такви посветени, борбени и фокусирани јуниори, а овојпат заслужија честитки затоа што го дадоа својт максимум. Беа присутни од првиот до последниот момент и покажаа дека со работа и со труд и чудата се можни, што би важело за турнирот до 14 години, на кој нашите јуниори немаа фаворитски статус, но покажаа карактер и стигнаа до пехарот за првото место – додаде ИМ Дејан Стојановски, тренер посебно задолжен за јуниорскиот шах во клубот. 

Дополнително, и екипата на ШК Алкалоид до 10 години го освои второто место, а девојчињата до 10 години третото место.

Со долгогодишната работа во шаховските школи, ШК Алкалоид ја потврдува својата посветеност на младинскот шах, а со континуираната и систематска работа, со наставата насочена кон постојан развој на најталентираните млади играчи, со градењето позитивен тимски дух и со вложувањето во најдобрите македонски шахисти како тренери, кои преку групни и индивидуални часови се фокусирани на издигнувањето на новите македонски шаховски таленти, се дојде до овие успеси, кои даваат индикации дека се оди по вистинскиот пат.