Пливачки хаос: Две паралелни федерации и два маратони закажани во ист викенд!

Рашомонијадата во македонското пливање наместо да добие своја разрешница продолжува да внесува хаос кај ионака сѐ помалиот број вљубеници во овој спорт кај нас, откако двете паралелни федерации кои функционираат во моментов закажаа две маратонски трки и тоа во ист викенд.

Пливачката федерација на С. Македонија (ПФСМ), чиј претседател е Александар Маленко, на прес-конференција се пофали дека ќе го организира на 33. Охридски маратон на кој ќе настапат 22 натпреварувачи и тоа 14 во машка и осум во женска конкуренција. Стартот ќе биде утре точно на пладне кај Свети Наум, а ќе се плива патека во должина од 25 километри. Македонското пливање на годинешниот Охридски маратон ќе го претставуваат тројца пливачи и тоа Евгениј Поп Ацев, Александар Илиевски и младиот Леонид Мишевски. Овој настан е под покровителство на претседателот на државата и тоа со награден фонд од 15.000 долари.

Националната пливачка федерација (НПФ), пак, предводена од Александар Филипчев, денеска информира дека ќе биде еден од организаторите на неделниот маратон на Мавровското езеро, кој ќе биде дел од годинешното одбележување на празникот „Успение на Пресвета Богородица“ во селото Леуново, а воедно и шестата трка од Македонскиот куп во далечинско пливање. Натпреваривачите ќе се бодуваат според правилата на Меѓународната федерација за пливачки спортови (ФИНА) за трки на отворени води. Според најавите, се очекува да настапат пливачи од повеќе македонски клубови и тоа во три возрасни категории (12 до 14 години, од 15-17 и над 18 години). Трката ќе започне во 13 часот на стартот од Маврови Анови во близина на амбулантата, а целта ќе биде во близина на хотелот „Радика“. Должина на патеката изнесува три километри.

Борбата помеѓу ПФСМ и НПФ трае подолг период, а според информациите од двата табори, федерацијата на Маленко ужива поддршка од ЛЕН и од Македонскиот олимписки комитет (МОК), додека Филипчев и неговите соработници тврдат дека се единствени признати од Централниот регистер и дека за државата тие се валидната пливачка власт. И додека големите водат војна за превласт во пливањето, најмногу страдаат оние кои би требало да се најважни – натпреварувачите, секако и публиката која со години наназад е сѐ помалубројна на пливачките настани кај нас.