Пливачите на Орион прво го надмудрија Маленко, па срушија шест државни рекорди!

Борбата помеѓу самопрогласениот прв човек на македонското пливање, Александар Маленко и клубовите кои го поддржуваат неговиот опонент Александар Филипчев, кој е легитимен претседател на Националната пливачка федерација (НПФ) која е единствена признаена од државата, продолжи и викендов кога тој се обиде да ги спречи „нелојалните“ да настапат на Меѓународниот митинг „Скопје опен 19“.

Но, „финтите“ на Маленко веќе ретко поминуваат, па организаторот на овој традиционален настан им дозволи на сите пријавени да пливаат и покрај писмата кои тој испратил барајќи забрана за тие што не се за него. Најжестокиот удар бил кон ПВК „Орион“, кој важи за најжесток опонент на поранешната пливачка ведета во борбата за власт, чии пливачи на опортунизмот вратија со дури – шест национални рекорди.

Најзабележителни резултати поставија Миа Крстевска со нов апсолутен македонски рекорд во трката на 100 метри грбно со време 1:03,36 минути. Два рекорди собори и Миа Еминова-Блажевска, која постави најдобро време во младинска и кадетска конкуренција во трката 100 метри слободно со време 56,79 секунди, а идентично остварување имаше и во трката на 100 метри мешано со време 1:04,15 минути.

Маленко е претседател на таканаречената Пливачка федерација на Македонија (ПФСМ), која сѐ уште фигурира во светската и европска пливачка организација.