Тајгер Вудс успешно опериран по стравичната несреќа - го чека долга рехабилитација!

Најдобриот голфер на сите времиња, Американецот Тајгер Вудс, синоќа имаше тешка сообраќајна несреќа, во која за да биде спасен мораше да биде сечен неговиот автомобил, по што утринава дојде позитивна вест дека е успешно опериран.

Тој излетал од патот, по што американските медиуми јавија дека има скршеници на екстремитетите, а веднаш по пристигнувањето во болница беше објавено дека е надвор од животна опасност.

„Тајгер имаше тешки повреди на долните екстремитети, кои се санирани со итна интервенција. Отворените повреди се стабилизирани, а исто така и дополнителните повреди на стапалото се стабилизирани. Траумата на мускулите и другите делови на ногата бараат дополнителна нега и по оперативниот зафат“, стои во соопштението на неговиот официјален профил на Твитер.

Тоа значи дека пред Вудс е долг период на рехабилитација и најверојатно крај на неговата голферска кариера, со оглед што веќе има 45 години.