Стана светски првак во пикадо и веднаш се пресели со семејството во – луксузна вила!

Англичанецот Лук Литлер на само 17-годишна возраст испиша историја станувајќи најмладиот светски шампион во пикадо, откако во финалето го совлада трикратниот светски првак, Холанѓанецот Мајкл ван Гервен со резултат 7-3 во сетови.

Тој со овој триумф го надмина претходниот рекорд на Ван Гервен, кој својата прва титула ја освои на 24 години. Британецот за триумфот заработи 600.000 евра, со што неговата вкупна заработка за 2024 година достигна 1,45 милиони евра. И покрај неговите успеси, Литлер не успеа да ја освои титулата за најдобар спортист во Велика Британија, завршувајќи на второто место, но неговата популарност постојано расте, што му овозможи да го пресели своето семејство од мал стан во луксузна вила во елитниот дел на Варингтон, гратче кое се наоѓа помеѓи Ливерпул и Манчестер. Вилата, која е изнајмена за околу 7.000 евра месечно, располага со пет спални соби, базен, градина и кино сала.

Литлер е роден во 2007 година и од рана возраст покажувал талент за пикадо, а неговата прецизност и ментална сила му донесоа бројни победи на младински турнири, што кулминираше со освојувањето на светската титула. Многумина експерти го сметаат за еден од најперспективните играчи во историјата на овој спорт. Тој со ова не само што го привлече вниманието на спортската јавност, туку и инспирираше многу млади да се заинтересираат за пикадото, придонесувајќи за популаризација на овој спорт на глобално ниво.