Шок за купувачот кој плати 195.000 евра, оделото кое го купил не било на Лердам!
Според германските медиуми, се покажало дека портокалово-синиот едноделен костим воопшто не е истиот што Лердам го носела во победничката трка на 1.000 метри во Милано. Дури по завршувањето на аукцијата било откриено дека атрактивната Холанѓанка всушност не настапила во тој костим. По целата ситуација се огласи и Холандскиот олимписки комитет:
„Платформата „MatchWornShirt (MWS)“, која неодамна во наше име организираше аукција на спортска опрема од холандскиот олимписки тим, го коригираше статусот на продаденото одело на Јута Лердам.“
Од Комитетот дополнително објаснија што точно се случило:
„По спроведена истрага и консултации со сите вклучени страни, утврдено е дека спорното одело не е натпреварувачкото што Лердам го носела во трките на 500 и 1.000 метри во Милано. Поради тоа, статусот на предметот е променет од ‘носено натпреварувачко одело’ во ‘олимписко одело за брзо лизгање’.“
Сè уште не е познато чиј е или кое точно одело било продадено, но купувачот со највисока понуда е известен за новонастанатата ситуација.
И покрај контроверзијата, средствата од аукцијата ќе останат насочени таму каде што е најпотребно за развој на млади таленти во брзото лизгање во Холандија.