По денешните два натпревари во Првата фудбалска лига, Шкендија го искористи киксот на Вардар во Гостивар и се израмни со најголемиот ривал на табелата со по 58 бода.

Вардар неочекувано беше изненаден од Арсими кој на свој терен славеше победа од 1-0. Не доминираа вардарци во овој дуел, имаа иницијатива, меѓутоа не создадоа премногу прилики за гол. А, и тоа што го направија како шанса, не го реализираа преку Омерагиќ и Закариќ.

Одлучувачкиот момент на мечот се случи во финишот од првиот гол кога Шпанецот, Маркел Гони, го совлада Талески за 1-0.

Голот се проверуваше и во ВАР собата поради сомневање дека топката го напуштила теренот, меѓутоа набрзо беше потврден и се покажа како доволен Арсими да ги освои бодовите.

За Арсими овој триумф значеше и излез од кризата во која немаше победа на четири натпревари, а на последните три беше и поразен, додека за Вардар пак овој пораз беше втор во првенството откако првиот го претпреа во дербито со Шкендија пред три кола исто така со 1-0.

Шкендија го искористи киксот на скопјани така што на гости кај Македонија Ѓорче Петров славеше со истиот резултат. Херој на тетовскиот тим беше Красниќи кој на стартот од вториот дел во 53-тата минута стрелаше за 1-0.

Во следното коло Вардар ќе игра токму против Македонија Ѓорче Петров, но на свој терен, додека Шкендија ќе го пречека Пелистер.