Урнебесен гол во Хрватска - дупка на теренот беше херој на Истра! (ВИДЕО)

Фудбалерите на Истра запишаа исклучително важна победа во трката за пласман во Европа, совладувајќи го директниот ривал Варaждин со 2-1, а од овој натпревар најголемо внимание привлече вториот победнички гол на домашната екипа.

Вараждин имаше водство од 1-0 во поголемиот дел од натпреварот и делуваше дека целосно ја контролира играта. Но, домаќините во само три минути направија целосен пресврт. Најпрво Хајстер во 78. минута израмни, а само две минути подоцна следуваше момент за рубриката „верувале или не“.

Поттикната од израмнувачкиот погодок, Истра продолжи со напади. Во 80. минута Радошевиќ упати удар кон голот на гостите, топката одеше по земја и изгледаше дека тоа ќе биде сосема рутинска интервенција за голманот на Вараждин, меѓутоа тогаш од дупката пред голот го измени правецот и заврши во мрежата.