Саудиска Арабија гради спортски град со неверојатни 470 милијарди евра!

Саудиска Арабија има во план да направи спортски град во кој ќе се одржат сите големи натпреварувања во иднина и за таа цел планира да инвестира неверојатни 470 милијарди евра. Според планот Саудијците сакаат до 2030 година да го изградат комплетно новиот град Неом на брегот на Црвеното море.

Неом би бил град во кој би владееле западните закони, пред се околу консумација на алкохол, можноста жените да одат на спортски мечеви, а не шеријатските во Саудиска Арабија и поради кои организациите за човекови права константно реагираат кога некој голем настан ќе се одржи во оваа конзервативна арапска земја, која е лидер во регионот.

Саудијците веќе ангажирале бројни стручњаци околу целиот проект, кој е идеја на принцот престолонаследник Мохамед Бин Салман, инаку во последо време во центарот на вниманието поради обидите да го купи Манчестер јунајтед, но и поради убиството на новинарот Кашоги во амбасадата во Турција, зад кое како нарачател се споменува токму тој.

Неом практично би бил „држава во држава“ со футуристички изглед и спортски објекти на кои би можеле да се организираат светски првенства, Олимписки игри, најголемите спортски настани во многу спортови, меѓу кои и трка во Формула 1.

Според планот, првата фаза за новиот град би требала да биде готова до 2025 година, а пет години подоцна комплетниот град да биде завршен.