Гувернерката на Токио: ЛОИ ќе се одржат без оглед на пандемијата со коронавирус!

Гувернерката на Токио, Јурико Коике објави дека Летните Олимписки игри идното лето ќе се одржат без оглед на пандемијата со коронавирус, зашто градот е подготвен за безбедно да го организира најголемиот спортски настан, ако дотогаш не биде победен опасниот вирус.

Поради експлозијата на ковид-19, ЛОИ кои требаше да се одржат летово беа одложени за идното лето, па сега и гувернерката Коике објави дека нема шанси да не се одржат Игрите, нешто што го напомена и првиот човек на олимпиското движење Томас Бах. Во Јапонија во последно време е забележан голем пораст на заболени од вирусот, со бројки кои надминуваат 2.000 заразени на дневно ниво, што сепак е многу помалку од метрополите во Европа.

„Како град домаќин, јас сум одлучна да ги одржиме ЛОИ по секоја цена, а Токио има услови за да организира безбедни игри, без оглед на зголемениот број на заразени од коронавирус“, вели Коике.

Бах кој минатата недела беше во посета на Токио објави дека ИОК и Јапонија ќе направат сѐ за да се организираат безбедни игри, а и дека ќе направат сѐ за да поттикнат спортистите кои ќе учествуваат да се вакцинираат, барем во најголем дел, за Игрите практично да бидат ептен безбедни.

Според најавите, вакцините од почетокот на новата 2021 година ќе бидат пуштени во употреба и ќе започне имунизацијата на населението во светот. Веќе неколку биотехнолошки гиганти објавија дека вакцините се во функција, две од САД, една од Англија (Оксфорс), како и Русија која прва направи вакцина и објави дека има побарувачка од 20 земји за да им ја достави истата за имунизација на населението.