
АМС ја губи независноста, ќе ја „проголта“ министерството на Артан Груби?!
Станува збор за владин орган предводен од Артан Груби, поранешен водач на навивачката група „Шверцери“, кој во иднина би се грижел за младите и за спортистите, секако ако биде официјализирана ваквата прегрупација. Во јавноста веќе има големи реакции на најавите за претопување на АМС во Министерство со кое нема апсолутно никакво допирни точки, а веќе има и официјални барања од невладини организација вакво нешто воопшто да не се случи.
Првичниот отпор доаѓа од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и од Коалицијата на младинските организации СЕГА и Сојузот за младинска работа, кои со отворени писма бараат АМС да продолжи да работи најмалку како и досега, со можност дури да прерасне во Министерство за спорт и млади. Од спортистите засега нема реакции, иако последиците за нив би биле драстично поголеми, со оглед што федерациите и клубовите парите од државата ги добиваат токму преку АМС.
Од земјите во регионот, Србија, Бугарија и Црна Гора имаат Министерство за млади и спорт, во Албанија постои Министерство за благосостојба на младите и децата, додека во Косово функционира Министерство за култура, млади и спорт. Македонија со ваков потег би била единствена која не само ќе нема посебно министерство туку и владина агенција што ќе се грижи за младите и за спортистите.