Против Русија нема како поинаку - одбојкарите ќе си играат за ќеф!

По стартнитe два пораза против ривали со кои можевме да се надигруваме и се надевавме на поинаков епилог, во третото коло Македонија ја очекува јасна судбина уште пред да почне натпреварот.

Причина за тоа е фактот дека играме со актуелниот европски шампион, Русија (17.30 ч.). Македонија е тотален аутсајдер и секој резултат освен 0-3 во сетови би требало да крене погледи.

И селекторот Никола Матијашевиќ самиот изјави дека би било лудо да се надеваме на победа против Русија, но истовремено тоа не значи дека ќе недостасува мотивација. Напротив, одбојкарите имаат ретка шанса да играат против светска веле-сила и да додадат уникатно искуство во своите кариери, затоа сигурно дека ќе сакаат да дадат максимум од себе.

За Русите не треба да се зборува кога е во прашање одбојката. Тоа е актуелниот бранител на златото на ова Европско првенство, освојувач и во 2013 година и олимписки шампион од Лондон во 2012. Ако се земе педигрето од Советскиот сојуз, ова е репрезентација која тежи 14 европски, шест светски и четири олимписки злата.

За волја на вистината, на ова ЕП Русите уште се загреваат, па досегашните две победи, против Белорусија и против Турција ги остварија со по еден загубен сет.