Парондо: Ние сме нов тим во одбрана, ни треба голман и уште еден ракометар!

Вардар ја заврши првата турнеа од подготвителниот период, пред сезоната, а новиот тренер, Роберто Гарсија Парондо ги сподели впечатоците од работата и од резултатите. Екипата се уште е далеку од некоја оптимална форма, но Парондо е задоволен од тоа како течат работите, со додавка дека потребни му се дефанзивец и голман.

Вардар прво тренираше во Крањска Гора десетина дена, а потоа замина на пријателски турнир во Германија. Оттаму се врати со порази од Хамбург и од Лајпциг и победа над Фуксе Берлин, актуелниот освојувач на ЕХФ-купот. Не беше свој само на првиот пораз, од Хамбург, а потоа почна да го покажува препознатливиот квалитет, без разлика што екипата е без седум играчи од минатата сезона.

„Турнирот беше генерално гледано беше добар. На првиот меч имавме 23 промашени удари, тоа ни беше проблем. Но беше прв натпревар и патувавме цел ден. Потоа игравме одличен меч 60 минути (со Фуксе Берлин), а тоа е тешко во оваа фаза на подготовки. Сепак покажавме дека можеме да играме на високо ниво. На последниот меч со Лајпциг не игравме лошо, иако можевме и подобро. Ни требаат уште некои детали во играта. Судиите беа навистина лоши, но ние не треба да ја губиме концентрацијата. Наместо на играта да не мислиме на судиите“, ги споедлува Парондо првоте впечатоци.

Вардар прими 27, 24 и 31 гол на трите меча, потенцираме затоа што Парондо е се уште незадоволен од одбраната. Таа остана најранлива откако си заминаа Абутовиќ, Марсениќ, Кањелјас, Македа...

„Ние сме нов тим во одбрана и тоа им го кажувам и на играчите. Во напад сме можеби исти, но во одбрана сме нови, пробуваме нови играчи и ќе треба време за сѐ да биде како што сакаме. Ни треба уште еден играч во одбрана и голман. Сега веќе доаѓаат натпревари на кои ни требаат резултат. Особено оние што ги играме дома. Се подготвуваме и верувам дека ќе играме на нивото што го сакаме, бидејќи се уште сме во фаза на подобрување на формата за да бидеме спремни за она што не очекува од следниот месец“, додава Парондо.

Резултатот ќе биде важен в сабота (21ч.), кога ќе се пресметаат со Металург во Суперкупот на Македонија, во Струга. Пота следува нова турнеа, на турнир во Стразбур, а на 29 август почнува СЕХА-лигата.