Одбојкарите во лов на ново ЕП: Прво да се прескокне БиХ, потоа Турција

Македонската машка одбојкарска репрезентација ќе зачекори кон нов настап на Европско првенство, по она во 2019 година. Имаме привилегија што квалификацискиот турнир се игра во Скопје, иако без присуство на публика, па во улога на домаќини ќе бркаме пласман во групата со Турција и со БиХ.

Прв противник на Македонија е Босна и Херцеговина, денеска од 18 часот, a со оглед на нашите амбиции единствен избор е победа. И тоа не каква било, туку победа со 3-0 или 3-1 за да добиеме три бода. Секој бод ќе биде важен не само за пласманот во нашата група, туку и ако дојде ситуација да се мериме со другите групи.

Пласман на ЕП ќе изборат сите првопласирани репрезентации и пет од второпласираните во седумте групи, па затоа важно ќе биде да освојат што повеќе бодови, макар го освоиле и второто место во групата. Оттука, победите против, условно, најслабиот учесник во нашата група се равенка со едно достапно решение.

БиХ е 69-то рангирана на светот, 20 позиции подолу од Македонија и со скромни резултати на меѓународна сцена во последниве години. Македонските одбојкари најавија дека формата им оди во нагорна форма и дека добро се подготвени по четирите пријателски со Бугарија во изминатиов период (сите четири порази). Затоа добро е што отвораме со послабиот од двата противника, а утре имаме слободен ден за скенирање на мечот Турција - БиХ. В среда ќе биде моментот на вистината против Турците, а в четврток уште еднаш ќе се соочиме со Босанците. Конечниот епилог во групата ќе биде познат по последното соочување, Македонија - Турција, в сабота.

Сите натпревари се играат во „Борис Трајковски“, со почеток од 18 часот. ЕП ќе се одржи во Полска, Чешка, Естонија и во Финска, најверојатно во септември.