Милев: Ако одиграме како во третиот сет – ќе ја победиме Белорусија!

Поразот од Русија не донесе големо разочарување во таборот на одбојкарската репрезентација на Македонија на Европското првенство (ЕП) во Љубљана, бидејќи беше очекуван со оглед што од спротивната страна беше актуелниот европски првак.

Но, играта во третиот сет, во кој имавме две можности да му го „украдиме“ на далеку пореномираниот ривал, дава надеж за евентуален прв триумф на еден континентален собир, задутре против Белорусија.

„Уште пред мечот решивме да уживаме во мечот, бидејќи ретко играме вакви средби. Во последниот сет дадовме сѐ, дадовме енергија. Ако играме како во третиот сет тогаш ќе имаме што да бараме во дуелите со Белорусија и Словенија. Кога влеговме поопуштено и порелаксирано, тогаш одигравме најдобро па тоа треба да биде рецепт на преостанатите два меча на ЕП. Белорусија е силен ривал од рангот на Турција и Финска. Ако влеземе како во последниот сет тогаш ќе може да очекуваме позитивен резултат“, изјави Милев.

Милев средбата ја заврши со пет освоени поени.