Македонија ќе оди на Србија, ако заврши трета во својата група!

Македонските одбојкари го дознаа противникот за осминафиналето во случај да завршат трети во својата група на Европското првенство, чиј кодомаќин е и Скопје. Тоа е селекцијата на Србија, која вечерва ја совлада Германија и го загарантира второто место во својата група, во Анкона.

Оваа победа значи дека Србите сега имаат 12 бода во групата А, колку и лидерот Италија, но четири повеќе од Германија, која е на третата позиција. Со оглед на тоа дека се недостижни за Германија, а Италија не можат да ја стигнат дури ни теоретски, поради односот на освоени-загубени сетови, зацементирани се на второто место.

Тоа ќе ги однесе против третопласираната селекција од групата во Скопје, статус на кој се надева Македонија. За тоа ќе биде неопходно да ја совладаме Чешка во нашиот утрешен дуел, од 20 часот. Математика нема, секоја победа Македонија ја носи на третото место на табелата, а секој пораз ќе ја остави на четвртото. Третото место значи дуел со Србија во осминафиналето, четвртото значи соочување со светскиот шампион Италија. 

Србите вечерва триумфираа со 3-1 во сетови, а единствената криза ја доживеаја во вториот сет, кој Германија го доби со 25-20. Првиот го освои Србија со 25-22, со истиот резултат го доби и третиот период, за да го врати водството, а во четвртиот доминираше со 25-18.