Недопирливи ни за корона: УФЦ купи приватен остров за да организира борби! (ВИДЕО)

Во деновите кога светот е во мораториум и не се случува ништо, од аспект на спортските настани, УФЦ покажува дека секогаш може да се најде друго решение. Претседателот Дејна Вајт, отрки дека купил приватен остров на којшто ќе се случуваат борби, изолирани од светот.

По долгата голгота да најде погодна локација за организирање на УФЦ-249, на 18 април, првиот човек на организацијата, конечно, најде локација, иако малку доцна, откако Хабиб Нурмагомедов „се заглави“ зад затворените граници на Русија. Меѓутоа, фановите нема да бидат разочарани, бидејќи борба, сепак, ќе има меѓу Тони Фергусон и Џастин Гејчи, првиот и четвртиот предизвикувач и таа ќе се случи на тајна локација.

„Ова е најтешкото нешто што сум морал да го направам, но имам обезбедено локација, која ќе ја користиме во следните два месеца. Локацијата е тајна, за сите фанови, локација на борбата е ЕСПН. Хабиб беше затекнат од ситуацијата и заглавен во Русија. Не е негова вина што нема да се бори на УФЦ249. Не е ничија вина, ова е нешто што ниту сме го планирале, ниту сме сонувале дека може да се случи. Замислете, Лас Вегас е затворен, цел месец не работи ниедно казино. Никогаш во животот не очекував дека ќе го видам тоа“, изјави Дејна Вајт за американската медиумска мрежа ТМЗ.

Ова значи дека на оваа тајна локација, која, патем, не е приватната арена на УФЦ со октагон во Лас Вегас, ќе се борат само американски борци или странци кои коронавирусот ги затекнал во САД, на тренинзи, подготовки итн. Меѓутоа, работите станаа поинтересни во ова интервју, кога продолжи да кажува за плановите ако пандемијата со коронавирусот потрае во САД. По тие два месеца, во кои ќе се случуваат секоја недела борби на споменатата тајна локација, УФЦ планира да се пресели на приватен остров.

„Уште еден или два дена ми требаат за да обезбедам приватен остров. Во моментов се работи на инфраструктурата, така што ќе почнеме да организираме и интернационални борби, со борци од другите земји, бидејќи немам моќ да ги внесам во САД. Затоа имам приватен остров и тие ќе слетуваат директно таму, имаме наши авиони и сè што треба, така што од 18 април УФЦ продолжува во полн ритам, со борби секоја недела. Навивачи ќе нема, се разбира, но сите што ќе бидат присутни таму ќе бидат тестирани еднаш, уште еднаш, па уште еднаш. Ќе се осигураме дека борците, тренерите, судиите, луѓето што ќе го вршат преносот дека сите се 100 процентно здрави“, дополни Вајт.