Трстена: Жалосно е кога земја на борењето мора да се радува на успеси на странци!

Македонија денеска го доби првиот спортист со обезбедена норма за настап на Олимписките игри в година во Токио, откако натурализираниот Русин, Могамедгаџи Нуров, го освои бронзениот медал на Светското првенство (СП) во Казахстан, што предизвика големи реакции во јавноста, но и кај нашиот поранешни боречки легенди.

Најсилна беше изјавата на поранешниот олимписки шампион, Шабан Трстена, кој прво му го честита медалот на помладиот колега, но потоа потсетува дека Македонија како земја на борењето треба да се радува на успеси на своите, а не на купени готови борачи од странство. Тој, сепак, верува дека подобрените услови во боречкиот спорт конечно ќе го подобри квалитетот и кај Македонците, кои со помош на натурализираните колеги ќе успеат да се издигнат во светскиот врв во овој спорт, нешто што сме го имале во минатото.

Реакцијата на Трстена ви ја пренесуваме во целост.

„Му го честитам на руско-македонскиот борач Нуров освојувањето на бронзениот медал на Светското првенство за сениори, кој со овој медал обезбеди и олимписка норма после 12 години. Но, за жал, од друга страна, кога нема способни македонски борачи да освајат медали или олимписка норма, тогаш мораме да се гордеме со готови борачи што доаѓаат од странство, односно земаат македонски пасош, иако оваа наша мала земја, би рекол и чудна, во својата историја со свои борачи освои многу светски и олимписки медали за сениори. Замислете кај бевме ние, а каде сме сега. Ова е тажно и жалосно, го изгубивме овој борачки спорт некогаш беше гордоста на нашиот народ, затоа што со наши борачи освоивме сѐ што може да се освои на пет континети од олимписко злато до медитерански игри.

За разлика од нас, нашите поранешни земјаци од поранешна Југославија, со свои борачи освојуваат медали на европски и светски првенства и Олимписките игри, како Србите, Хрватите и Словенците. Тажно, затоа што ние бевме носители број еден на борењето во слободен стил во таа заедничка држава. А сега жалосно го изгубивме овој борачки спорт. Како олимписки шампион се прашувам: Кога ќе се роди еден борач од ова земја како каратистот Емил Павлов? Тој донесе многу медали од европските превнства, Светската карате премиер лига и Европските олимписки игри, бидејќи стварно тој е голема гордост на нашиот народ и на нашата држава. Тој е роден тука, тренира тука, има другари, се школува, се дружи, сите го познаваат и со сите комуницира. Исто како нашата стара генарација, која даде сѐ за нашата татковина. Претходно, последен медал што освоил македонски борач бев јас во 1982 година во Канада, кога на Светското првенство се закитив со бронзен медал, а последниот среберен медал од Светските првенства исто така беше освоен од руски борач од Радовиш во 1998 година во Техеран и тоа од Могамед Ибрагимов. Значи, 37 години ние немаме освоено медал на светско првенство! Прашањето е, уште колку децении ќе треба да чекаме македонски борач, кој е роден во Македонија, да освои медал или олимписка норма!?

Но, можеби нема да се чека толку долго, затоа што работите се менуваат на подобро. Мора да се пофалат условите кои новото раководство ги обезбеди минатата година, од душеци, тренерки и разна спортска опрема за сите клубови во боречката федерација, заедно со донацијата за опрема која ја обезбеди олимпискиот медалист Ибрагимов, ќе бидат амбиција за сите наши борачи да вежбаат повеќе и повеќе, но исто така и нивните тренери ќе мора да работат секој ден за да направат од нив идни медалисти. Исто така и организирањето на кадетско европско првенство и светско првенство за ветерани ни донесоа поголем авторитет кај светската и европската федерација. Заедно со големите резултати кои ги постигнаа руско-македонските борачи оваа година, Егоров кој освои бронзен медал на европско и сега Нуров, бронзен медал на светско првенство и олимписка норма за Токио, ова е голема шанса за сите кои работат во најтрофејниот македонски спорт, да се борат да го вратат на позициите кои ги имавме некогаш. Се надевам дека ова ќе биде мотивација за сите наши млади борачи да тренираат многу и да сфатат еднаш засекогаш дека ова не се натпревари за кадети или за јуниори, ова се натпревари за сениори, каде што треба многу напори и тренинг и само тренинг, ако сакате да стигнете до спортски резултати“, објаснува Трстена.