Слаб настап на Стојоски на 400 метри на СП во Белград

Македонскиот атлетичар Јован Стојоски не успеа да ја мине квалификациската група на 400 метри на Светското првенство во сала што денеска стартуваше во Белград, Србија. 

Нашиот единствен претставник на овој собир, во квалификациската група 4 имаше најслабо време со 47,80 секунди. Тоа е за една секунда послабо време од неговиот личен рекорд поставен на Олимписките игри во Токио изминатото лето. Неговото најдобро време во сала е 47,18 секунди.

Во квалификациската група 4,Американецот Маркиз Вашингтон беше најдобар со 46,66, а место во финалната трка обезбеди и српскиот натпреварувач Бошко Кијановиќ со 46,88 секунди. 

Од вкупно 24 натпреварувачи кои ја завршија трката, Стојоски го освои 21.место.