Германците уште на 21 април му ставија крај на ракометот, прогласувајќи го Кил административно за шампион, но дури сега дојде на ред врачувањето на пехарот.

На скромна церемонија, во знакот на мерките против коронавирусот, Кил синоќа официјално беше крунисан за ракометен шампоион на Германија. Играчите сигурно сакаа на поинаков начин да ја примаат 21. титула во историјата на клубот, прва по пауза од пет години, но околностите не дозволија друго сценарио.

Сите ракометари беа со маски и ракавици, иако облечени во дресови, а кога ја направија групната фотографија со шампионската „чинија“ стоеја на растојание. Глетката беше тажна бидејќи сето ова се случуваше пред десетина илјади празни столчиња „Шпаркасен арена“. Сепак, организаторот се погрижи дури и во вакви услови сето ова да личи на спектакл, па затоа ракометарите влегоа во салата со тимскиот автобус, следен со светлосно шоу и пиротехнички ефекти.

Пехарот го прими капитенот Домагој Дувњак, а покрај него си замина дома и со трофеј за МВП на првенството. Филип Јиха, пак, го понесе признанието за најдобар тренер.

Кил беше прв во германското првенство кога сезоната застана поради коронавирусот, со 44 бода, два повеќе од ланскиот шампион, Фленсбург, но и еден неодигран натпревар. Иако имаше уште пет и седум и пол кола до комплетирање на календарот, Бундеслигата реши да не ја поништи сезоната и да ја земе моментната состојба за конечна.