Вардар си играше со оган во Куманово – од плус девет едвај до минимална победа!
Актуелниот шампион моќно го отвори натпреварот во Куманово и доминираше во првите 30 минути, заминувајќи на пауза со сигурна предност од шест гола (20-14). Сликата на теренот не се промени во првата половина од второто полувреме, кога гостите дојдоа и до највисоки плус 9 (26-17). Потоа тренерот Чупиќ реши да ги повлече своите најдобри играчи, што го искористи домаќинот за да внесе неизвесност. Црвено-црните се соочија со сериозна криза во нападот и не постигна гол повеќе од четири минути во самиот финиш, но ракометарите на Куманово не успеаја да направат целосен пресврт, туку само да загубат со минимален резултат.
Во вториот натпревар од домашниот шампионат, екипата на Охрид забележа убедлива победа над составот на Струга (33-16) во популарното езерско дерби. Охриѓани, по ремито со Пелистер во воведното коло, одиграа фуриозно и прашањето околу победникот го решија уште во првиот дел, кој го добија со високи 17-8. Во продолжението од натпреварот, тренерот на Охрид, Борис Ројевиќ, им даде шанса на ракометарите со помала минутажа. И покрај падот на темпото и ефикасноста, домашниот тим рутински ја зголеми предноста и славеше со конечни 17 гола разлика.
Тиквеш беше подобар од Бутел (38-33), додека претходно денеска, Пелистер дојде до убедлив триумф против Мулти Есенс (38-27).