Реал експресно го реши Рајо, Мбапе повторно во главна улога (ВИДЕО)

Реал Мадрид се врати на победничките патеки во Ла Лига со убедлив триумф од 4-1 против Рајо Ваљекано во петтото коло. „Кралевите“ одиграа одлично прво полувреме и практично го решија прашањето на победникот уште пред паузата.

Домашниот тим поведе во 13. минута, кога Килијан Мбапе беше прецизен од белата точка. Само три минути подоцна, Алваро Карерас зголеми на 2-0, а Реал продолжи да притиска.

Во 34. минута, Џуд Белингам ја затресе мрежата за 3-0, по одлична акција во која учествуваше и Винисиус Жуниор. Реал на одмор замина со огромна предност и целосна контрола врз натпреварот. Рајо сепак успеа да одговори на стартот од вториот дел. Серхио Камељо погоди во 50. минута и намали на 3-1, по што гостите за момент се заканија дека можат да внесат неизвесност во завршницата.

Сепак, Реал не дозволи изненадување. Во судиското продолжение, Мбапе повторно погоди и со својот втор гол ги постави конечните 4-1. Французинот стигна до шест првенствени погодоци сезонава.

Со оваа победа, Реал Мадрид се израмни со Барселона на првото место на табелата со тоа што каталонскиот тим утре го игра мечот од петтото коло, против Леванте во Валенсија.