Словенија и Холандија на „мала врата“ добија виза за настап на СП 2023!

Челниците на светскиот ракомет решија последните две места меѓу учесниците на Светското првенство (СП) в година во Полска и Шведска да бидат пополнети со селекциите на Словенија и Холандија, кои не ја минаа квалификациската фаза.

ИХФ традиционално доделува само една специјална покана, но овој пат бројката се зголеми на две поради фактот што Австралија не се пласира меѓу петте најдобри репрезентации на шампионатот на Азија.

„Советот на ИХФ, по детална анализа, реши да им ги додели вајлд-картите за настап на СП 2023 на репрезентациите на Холандија и на Словенија. Холандија е една од репрезентациите со најголем напредок во последните години, потврдено со освоеното десетто место на ЕП 2022. Оваа селекција ќе учествува на своето прво СП уште од 1961 година, кога го освои 11. место. Втората вајлд-карта заминува во Словенија, за која ова ќе биде десетто учество на светските шампионати“, објави ИХФ.

Ова ќе донесе дополнителен проблем за Македонија, со оглед што Словенија и Холандија ќе се најдат во последниот барабан на ждрепката закажана за 2 јули и дефинитивно ќе бидат ривали што македонската репрезентација ќе сака да ги избегне.