Фудбалерките ги дознаа противниците за новото издание во Лигата на Нации

Женската фудбалска репрезентација на Македонија ги дозна противниците во новото издание на УЕФА Лигата на нации.

На денешната ждрепка во Нион, нашата селекција која ќе се натпреварувата во Лига Ц за ривали ги доби Израел, Фарските Острови и Андора.

Македонските фудбалерки ќе имаат можност да се борат за првото место во групата и пласман во повисок ранг, што ќе биде главната цел во претстојниот циклус.

Во Лига Ц се натпреваруваат репрезентациите кои според резултатите во квалификациите за Светското првенство во 2027 година се најдоа во третиот ранг на европскиот репрезентативен фудбал.

Победниците на шесте групи обезбедуваат директна промоција во Лига Б, додека двете најдоброрангирани второпласирани селекции ќе добијат дополнителна шанса за напредок преку бараж.

По ждрепката, селекторот на македонската женска репрезентација, Александар Андов, ги сподели своите очекувања за предизвиците што ја очекуваат неговата екипа во натпреварите против Израел, Фарските Острови и Андора.

„Андора е репрезентација која добро ја познаваме и против која имаме остварено две победи. Фарските Острови и Израел се селекции со кои досега немаме играно, но се надевам дека и против нив ќе успееме да оствариме позитивни резултати. Сепак, треба да бидеме приземни во очекувањата. Нашата репрезентација е во процес на подмладување, со вклучување на фудбалерките од селекциите до 19 и до 17 години. Тоа е процес кој бара време, работа и трпение. Јас сум оптимист и верувам во потенцијалот на оваа генерација. За мене успех ќе биде да освоиме повеќе бодови од минатиот циклус, да продолжиме со развојот на младите фудбалерки и постепено да се подготвуваме за поголеми резултати во иднина“, истакна селекторот.

Натпреварите од групната фаза ќе се играат во три термини: од 23 февруари до 6 март, од 13 до 24 април и од 7 до 15 јуни 2027 година.