Хуман гест на Пешевски: На аукција го стави македонскиот дрес со сите потписи! (ФОТО)
По струен удар и пад од височина Стефан се здоби со тешка повреда на рбетот и неопходно е лекувањето да се продолжи во странство во специјализирана медицинска установа.

Почетната цена во аукцијата е 6.000 денари, а аукцијата ќе биде отворена до петок до 21:00 часот. Пешевски додаде и дека сите заинтересирани можат да го контактираат во порака.
„Хуманоста не познава граници, вера и националност. Да бидеш хуман е доблест и човечка особина која секој од нас ја носи во себе. Спортот и спортистите знаеле и знаат да пружат рака кога е најпотребно.
Секој од нас води битки во животот. Некои на терените за своите клубови и репрезентации, а некои во секојдневието, борејќи се за подобро утро за себе и за своето семејство. Еден од нив е и Стефан Петрушевски. Го игра најважниот натпревар и ја води најголемата битка во својот живот. Другар, пријател, професионалец во својата професија, грижлив родител и сопруг.
Потребно е да му помогнеме и знам дека ќе успееме во оваа хуманитарна мисија. Поради сето горенаведено, со една цел – Стефан да успее во своето најважно животно поглавје – денес го објавувам овој дрес на ракометната репрезентација на Македонија, за кој не треба да се трошат зборови. Сите знаеме што значи и каков симбол на успех и заедништво претставува за целата наша држава во моментите кога игра Македонија.
Почетната цена за дресот со потписи од сите играчи кои беа дел од последниот натпревар меѓу Македонија и Романија на Европското првенство е 6.000 денари. Оваа мини-аукција ќе трае до петок во 21:00 часот. Средствата ќе бидат донирани. Контакт – ДМ“, стои во објавата на Пешевски.