Ракометните печалбари во Германија ќе седат во карантин најмалку до 16 мај

Македонските ракометни интернационалци, кои настапуваат во германската Бундеслига добија нов датум до кој ќе одбројуваат за продолжение на сезоната.

Раководството на најсилната ракометна лига во светот соопшти дека го продолжува периодот на суспензија на натпреварите. Досега тој стоеше на 23 април, но новиот датум на кој челниците на Бундеслигата се надеваат дека ќе воспостават нормала е - 16 мај.

Тоа значи дека сите екипи, ракометари и персонал ќе мора да останат во строг, домашен карантин дотогаш, за да бидат сигурни дека ќе бидат здрави и ќе можат да продолжат да играат, без публика, се разбира.

Ова ги засега македонските ракометари Филип Талески (Балинген), Филип Кузмановски (Магдебург), Филип Миркуловски (Вецлар), Жарко Пешевски (Штутгарт) и Мартин Томовски (Лудвигсхафен), кои ќе останат во своите домови во Германија. Тие се под посебен домашен режим на тренинзи, колку да останат во физичка форма, иако, јасно е дека за продолжување на лигата на екипите ќе им треба, макар краток, период на подготовка.