Олимпискиот првак на пат кон ново злато: Данска надмоќно до полуфинале со Шпанија!

Актуелниот олимписки првак во ракомет, Данска ја доби скандинавската пресметка со Норвешка (31-25) и закажа полуфинале на олимпискиот турнир во Токио со Шпанија, која утринава во неверојатно возбудлив трилер со 34-30 ја победи Шведска.

Олимписките и светски шампиони предводени од Мика Хансен и Јакоб Холм со по осум гола, а Гидсел додаде пет, успеаа да останат на патот кон одбрана на златото од Рио во 2016 година, а Норвежаните ги скршија на почетокот на вториот дел кога со серија од 6-2 исчекорија кон триумфот.

Во релативно израмнетото полувреме, Данците најмногу што водеа беше со три гола предност (5-2) од стартот на мечот, но Норвежаните успеаа да се вратат, па и да поведат во три наврати пред крајот на паузата, но олимпискиот првак на одмор замина со гол предност (13-12), а во продолжение сѐ одеше по нотите на Хансен во нападот и на голманот Ландин.

После само осум минути во вториот дел Данска дојде до највисоките плус пет (19-14) и потоа рутински го одработеа мечот, зашто Норвешка не успеа да се приближи на помалку од три гола разлика и во завршницата Данците дојдоа и до најубедливи плус седум (29-22) за практично да стават точка на мечот.

Сандер Сагосен со осум гола беше најефикасен во таборот на Норвешка, a Рајнкинд даде пет погодоци.