МЗТ реагира на одлуката за тројца странци и на начинот на кој таа е донесена!

Раководството на МЗТ Скопје на попладневната прес-конференција јавно го изрази своето незадоволство од начинот на кој Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) реши да го намали дозволениот број на странски кошаркари од четири на три за секоја екипа во новата сезона.

Претседателот на Управниот одбор на клубот, Никола Трајчевски, истакна дека оваа системска промена е донесена несоодветно, без претходна анализа и целосно без консултација со клубовите како главни чинители во македонскиот спорт.

„Кога веќе не ги консултирате директните чинители, тогаш барем да се направи анализа, да видите и да споредите со земјите во регионот, па дајте пример каде постои ваков лимит на странци. На кој начин ние ќе ја популаризираме кошарката, да ги натераме децата да се занимаат со овој спорт, кога го ограничувате бројот на странци на три, а знаете дека учество на меѓународни натпреварувања само со домашни сили е невозможен. Кажете ми за екипите со кои ќе се сретнеме во Еврокупот на ФИБА, колку од нив се со само три странци. Не ја гледам визијата и долгорочната стратегија во носењето на такви одлуки, кои според мене се нелогични. Никаде во регионот, па и подалеку нема лига каде бројот на странци е лимитиран на тројца. Повеќе ме засегна начинот на кој ја донесоа и ја наметнаа, отколку самата одлука, за која времето ќе покаже дали била вистинска“, изјави Трајчевски.

Како одговор на ваквото ограничување во домашното првенство, актуелниот македонски шампион најави дека ќе има повеќе странски кошаркари на располагање исклучиво за меѓународните натпреварувања, каде што амбициите и конкуренцијата се далеку поголеми. Клубот веќе направи сериозна реконструкција на играчкиот кадар, комбинирајќи млади репрезентативци со искусните Дамјан и Војдан Стојановски, со цел да се создаде тим способен да го издржи ритамот на играње на повеќе фронтови.