„Ми велат вие таму не сте нормални, а овде луѓето шетаат, одат по кафиња...“

Само една земја успева уште да има нормален живот, речиси недопрен од пандемијата со коронавирусот, дури и да организира нормални првенствени натпревари во сите спортови. Секако, станува збор за Белорусија, во која диктаторот Александар Лукашенко не дозволува животот да се смени само поради некој вирус. За хрватските медиуми, голманот на Мешков Брест, Иван Пешиќ, раскажа каков е животот таму, додека светот е на пауза.

Пешиќ вели дека во Брест животот не се променил никако. Луѓето се излезени, одат по кафиња, маска на лицето носи само некој што видел на интернет дека остатокот од светот се соочува со голема болест. Играчите на Мешков Брест прво биле во карантин, но имало непослушни, кои излегувале, па го баталиле карантинот. Натпреварувањето таму се одвива нормално, а Пешиќ вели дека тоа му годи.

„Ситуацијата во Белорусија и понатаму е нормална, нема никакви проблеми, сè работи, луѓето одат на работа, шетаат. Засега нема никакви рестрикции, но ќе видиме како ќе биде. Велат дека во градот Витебск имало многу заразени, па чекаме расплет. За разлика од овде, во Хрватска се многу построги мерките. Всушност, овде нема никакви мерки, тука-таму ќе видиш некој човек со маска, само затоа што читал на интернет. Претседателот вели да работиме, вирусот не одел таму каде што се работи. А да бидам искрен мене ми одговара што играме, додека цел свет паузира“, истакна Пешиќ за хрватски Индекс.

Toj игра во Брест од 2013 година и веќе се чувствува „тамошен“, па добро го познава и менталитетот на луѓето и политиката на Лукашенко.