Хрватска ќе го смени Хорват од селектор на ракометната репрезентација

Хрвое Хорват многу извесно е дека нема повеќе да биде селектор на ракометната репрезентација на Хрватска, после деветтото место на СП во Шведска и Полска и неуспехот „каубоите“ да влезат во четвртфиналето.

Ракометниот сојуз на Хрватска објави дека не е задоволен од резултатите и настапот на овој Мундијал го смета за неуспешен, па сега за официјална смена на Хорват се чека анализата на Лино Червар како координатор на сите селекции, пред Управниот одбор на сојузот да ја донесе конечната одлука.

Хорват му беше помошник на Червар во последниот мандат на легендарниот хрватски тренер, пред да го наследи на кормилото, а вчера селекторот сите ги шокира со гестикулациите после мечот со Бахреин кога во микс-зоната го прашаа за оставка.

„После последниот меч на хрватската репрезентација на СП во Полска и Шведска и победата над Бахреин со 43-32, односно со освоеното деветто место, ХРС сака да ја информира јавноста дека не сме задоволни од остварениот резултат и го сметаме за неуспех. Минималната цел која беше поставена пред селекторот и репрезентацијата беше четвртфинале.

Бидејќи не е остварена целта, за статусот на селекторот и иднината следат низа настани, прво анализа од координаторот Лино Червар. Системот на ХРС е така поставен за координаторот на сите селекции да предложува или отповикува селектори, а после таа одлука, УО на ХРС ја одбива или усвојува“, објави ракометниот сојуз на Хрватска.

Червар најави дека за неколку дена ќе го каже својот став после настапот на „каубоите“ на СП.