Хрватите сонуваат прво злато по 22 години, Данците четврта титула по ред

Денеска од 18 часот во Осло се игра финалето на Светското првенство во кое првпат во историјата ќе се сретнат Данска и Хрватска.

Тоа се репрезентациите на два од трите домаќина на Мундијалот кој донесе фантастична игра, многу возбудувања и неочекувани резултати. Иако ко-домаќин, Хрватска приреди изненадување во полуфиналето, совладувајќи  ја Франција која многумина пред почетокот на првенството ја „видоа“ во финалето со Данска.

Хрватска е една од светските ракометни велесили со вкупно пет медали досега на светските првенства од кои едно злато, три сребра и една бронза. Три пати губеше во финалните натпревари, два пати од Франција и еднаш од Шпанија, а 22 години чека на светска титула откако триумфираше во 2003 година на првенството одржано во Португалија кога во мечот за трофејот ја совлада Германија.

Данска во моментов е апсолутно најсилна светска репрезентација и троен последователен светски шампион. Скандинавците немаат пораз од 2017 година кога последен пат не се качија на (највисокото место на) пиедесталот. На овој шампионат се толку доминантни што најмалата победа беше изразена со шест разлика и тоа против Чешка во главната фаза кога мечот немаше никакво резултато значење ни за нив, ни за противникот. Во нокаут делот имаа и малку среќа бидејќи играа со селекциите на Бразил и Португалија и ги победија со 12, односно 13 разлика. Данска веќе оствари историски успех со тоа што стана прва репрезентација со три титули по ред, но сега може дополнително да го поправи својот рекорд.

Без оглед на тоа, Данците се огромни фаворити за триумф денеска за што доказ се и квотите во обложувалниците каде за нив коефициентот е 1,1, а за Хрватска 10.