Дуел меѓу најтрофејните - Франција и Шведска се среќаваат во полуфинале!

Франција со убедливи 35-28 ја победи Германија, а Шведска со 26-22 го помина Египет, двете најтрофејни селекции на Светските првенства ќе играат во полуфиналето на овој Мундијал.

Конечниот резултат од 35-28 за Франција со Германија не ја отсликува реалноста на овој меч, дуелот беше изедначен до финишот кога Французите направија серија и дојдоа до висока победа од седум голови разлика.

Германија водеше во најголемиот дел од првото полувреме, на одморот се замина со нерешени 16-16. Германците имаа водство и во воведните минути од второто полувреме, но Франција го крена нивото во финишот и ја оправда улогата на фаворит.

Фабрегас и Ремили со по пет голови беа најфеикасни во составот на Франција, кај Германците Јоханес Гола постигна шест, Кнор реализираше пет пати.

Противник на Франција во полуфиналето ќе биде Шведска која го совлада Египет.

Египет добро го почна мечот против Шведска, водеше во поголемиот дел од првото полувреме но при предност од 9-8 застанаа. Швеѓаните направија серија од 6-0 и на одморот заминаа со предност од 14-9. Во вториот дел ја продолжија серијата и дојдоа до највисоки седум разлика, 16-9. До крајот само рутински го одржаа водството за победа од 26-22.

Екберг со шест голови беше најефикасен кај Шведска, Сандел и Јохансон постигнаа по четири, кај Египет најдобар беше Махмуд со пет погодоци.

Франција - Шведска ќе биде дуел меѓу двете најтрофејни селекции на Светските првенства, Французите имаат шест титули и вкупни 11 медали, а Швеѓаните 12 медали од Мундијалите.

Во другото полуфинале играат Шпанија и Данска.