Доста беа 30 години: Патрис Канаје ќе си оди од Монпелје на крајот од сезонава!

Во врвниот спорт сигурно е тренерот со најдолг стаж во една иста екипа, подолг дури и од легендарниот Грег Попович во Сан Антонио спарс, но Патрис Канаје го најави крајот на својата љубов со ракометниот клуб Монпелје.

Французинот изјавил дека почувствувал оти е време да стави крај на приказната која почна уште во 1994 година, кога тој од тимот на Париз го презеде Монпелје.

„Време е да речам стоп. По 30 исклучителни, величествени години. Ова е една прекрасна приказна. Никогаш немаше ни да замислам дека може да имам ваква прекрасна професионална историја“, вели 62-годишниот Канаје.

Тој има договор со Монпелје до јуни 2024 година, но уште сега најавил заминување, бидејќи на клубот ќе му треба време да се соочи со овој огромен удар и да бара нов тренер по три децении.

„Дури и да се подготвувавме за овој ден, повторно немаше да биде лесно. Убаво ќе беше да ни даде уште време да се подготвиме“, изјавил претседателот на клубот Жилиан Делжари.

Канаје двапати го однесе Монпелје до европската круна, во 2003 и во 2018 година, а дури 14 пати ја освои титулата на Франција. Тој е, дефинитивно, најдолговечниот тренер во еден ист клуб во нашево време, барем во врвниот спорт и може да биде стигнат само од Грег Попович, во НБА-лигата. Тој го презеде Сан Антонио во 1996 година, а со оглед на тоа дека летово потпиша нов, петгодишен договор, математиката вели дека, ако го испочитува, ќе го надмине Канаје.