Дербито за Франција на ракометниот турнир: Жилавите Германци попуштија на крајот!

Франција ја победи Германија со 30-29 во дербито на колото на олимпискиот ракометен турнир, во мечот кој го судеа најдобрите македонски арбитри Ѓорѓи Начевски и Славе Николов

„Триколорите“ стигнаа до третата победа на овој олимписки турнир и како почна мечот се чинеше дека буквално ќе ја прегазат Германија, зашто имаа и убедливи плус шест (16-10) на пет минути пред полувремето, но упорноста на Германците и фактот дека никогаш не се предаваат до паузата ја преполовија негативата, а во вториот дел со серија 3-0, кога Франција водеше со 18-16 успеаа да дојдат и до прво водство.

Франција се врати на предноста од три гола која ја имаше на полувреме со одговорот на германската серија со 4-0 за 22-19, ама Германија успеа да дојде во егал на шест минути пред крајот на 27-27 после серијата 4-1 од 23-26 и тука застанаа.

„Триколорите“ преку Мае и Фабрегас со два гола го направија клучниот исчекор во завршните три минути за да стигнат до триумф.

Мем со шест гола ги предводеше „триколорите“, а Гигу и Дескат дадоа по четири. Кај Германија, Кастенинг со седум гола беше најефикасен, а Вајндхолд даде шест.