Заглавените ракометарки се вратија, уште се бара чаре за боксерите!

Македонските ракометарки кои беа заглавени на аеродромот во Копенхаген безбедно се вратиле дома.

Иако извисија со своите првични билети, Андреа Белеска и Стефанија Мишевска, сепак најдоа начин да го напуштат Копенхаген и да се вратат во Македонија. Купиле нови билети, на релација Копенхаген - Солун и потоа со автомобил се вратиле дома. Претходно, на враќање од нивниот клуб Боден, од Шведска, валидните и чекирани билети од Копенхаген за Скопје не им вределе ништо, бидејќи скопскиот аеродром се затвори. По неколку часа чекање на аеродромот во данската престолнина, повремените репрезентативки успеаја да се вратат.

Во слична ситуацјиа и уште без решение се боксерите Гоце Јанески и Јасин Љама, во Лондон. По прекинот на олимпискиот квалификациски турнир, тие биле вратени назад од аеродромот, бидејќи летот за Скопје бил откажан. Сепак, нивниот престој во Лондон однапред имаше сместување, платено од Боксерската федерација на Македонија заклучно со 24 март, така што на удобно и сигурно место ќе чекаат да се најде начин безбедно да бидат вратени во Скопје.

Нивниот турнир во Лондон беше прекинат превентивно, не се појавија случаи на заболени од Ковид-19, така што двајцата боксери и селекторот Хесус Сојет, засега, се безбедни. Пред да биде прекинати квалификациите и Љама и Јанески загубија уште во првите свои борби.