Македонски спортист(к)и „заглавени“ низ Европа: Ве молиме, помогнете ни да се вратиме дома!

Завчерашното затворање на копнените граници како и денешното приземјување на сите летови од и кон скопскиот аеродром, како мерки за заштита од понатамошното ширење на коронавирусот, придонесе еден куп наши граѓани да се најдат „заглавени“ на европските аеродроми, меѓу кои има и македонски спортист(к)и.

Во моментов во најлоша ситуација, без можност по редовен пат да си дојдат дома се боксерските репрезентативци Јасин Лама и Гоце Јанески, кои минатиот викенд, во Лондон, настапија на квалификацискиот турнир за пласман на ЛОИ во Токио. Тие буквално биле симнати од авион со информација дека летот им се одложува, по што се обиделе преку Истанбул да дојдат до Скопје, но и тоа било неуспешно.

Според специјализираниот сајт за боречки вештини „Ипон“, двајцата македонски боксери во моментов се во хотел во исчекување на некакво решение, со оглед што скопскиот и охридскиот аеродром се затворени, а сите наши соседи дозволуваат на граница да поминат само нивните државјани. Лама и Јанески очекуваат помош од државата, а како пример го наведуваат соседно Косово, кое по своите боксери што биле во Лондон испратило специјален авион.

Во слична ситуација се македонските ракометарки кои настапуваат за шведски Боден, Стефанија Мишевска и Андреа Белеска, кои откако им беше кажано дека првенството целосно се прекинува сакале да си се вратат дома. Но, во моментов, тие се на аеродромот во Копенхаген, очајно барајќи помош од државата за да им овозможи начин да дојдат до своите најблиски во Македонија.