„Задоволни сме од Анталија, а сега нема застој - уште тренинзи!“

Македонската женска ракометна репрезентација, во променет состав, се врати од работното патување во Анталија, каде што одигра четири пријателски средби, а селекторот Симе Симовски ги средува впечатоците и го сумира сработеното.

Со епилог од две победи, едно реми и еден пораз Симовски е задоволен, но многу повеќе од резултатскиот агол важен му е настапот на ракометарките, кондицијата на оние кои обично немаат минутажа и чувството за одговорност кон репрезентативниот дрес. Повозрасните, како капитенот Елена Ѓорѓиевска, потоа Ливриниќ, Саздовска, Стојановска итн. веќе ја чувствуваат сериозноста на мисијата кога се игра за националниот тим, но селекторот кажува дека има неколку од младите ракометарки кои покажале зрелост.

„Задоволен сумод оваа операција „Анталија“, тоа што ни беше план го остваривме, усепав да проверам некои од девојките, некои од нив оособено задоволија, како Јанкуловска, Кипријановска, Џатевска, Мицевска....Оние помладите, од генерацијата 2002/03 добија шанса на дуелот со младинската селекција на Турција и одлично се покажаа. Генерално добар турнир, иако имаше некое непотребно тенденциозно судење на моменти, на кое не му е место на ваков пријателски турнир, особено против домаќинот Турција“, истакна Симовски.

Токму против сениорскиот тим на Турција го претрпевме единствениот пораз, ремизиравме со Италија, а ги совладавме Косово и младата Турција. Ова беше само една тренинг-сеанса за време на ЕХФ-неделата без конкретен повод, но со јасна мисија во мислите – создавање солидна, цврста репрезентација од генерациите кои доаѓаат, за ЕП 2022, на кое ќе бидеме коорганизатори. Затоа, тренинзите нема да застанат овде и покрај тоа што продолжуваат обврските во клубовите.

„Нема застанување. Веќе од понеделник планираме индивидуални тренинзи со 10-12 од ракометарките, ќе обрнеме внимание на физичката подготвеност. Планот ми е по завршувањето на клупската сезона, за некои две недели, повторно да направам еден собир и да тренираме сите заедно до Нова Година“, додаде Симовски.

Следната официјална задача за репрезентацијата ќе биде на крајот на март, кога ќе играме двомеч со Португалијам во квалификациите за Европско првенство во 2020 година.