Женската ракометна репрезентација на Македонија со двоцифрена победа ги заврши квалификациите за Европското првенство откако пред неколку дена го обезбеди пласманот на континенталниот шампионат.

Во последното коло, нашите ракометарки ја совладаа Литванија со 34-24 и со четири триумфи оди на првенството што во ноември и декември ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија. Тоа ќе биде второ по ред, а вкупно седмо учество на македонската селекција на европските натпреварувања.

Растоварени од каков било резултатски императив, нашите ракометарки одиграа одличен меч и во ниеден момент не ја доведоа во прашање својата победа. Литванија се одржуваше во игра во првите 15 минути кога беше 7-7, а потоа следуваше првата серија, од 6-1, за водство од 13-8. Во 27. минута беше 16.9, а на полувреме се замина со 18-12 за Македонија.

Мала криза во нашата репрезентација имаше кон средината на второто полувреме кога Литванија се доближи на 23-27, но до крајот Македонија направи 7-1 за највисоки +10 со кои заврши натпреварот. Седлоска и Ризоска со по шест гола беа најефикасни во македонската репрезентација