Барселона во меч со два пресврта ја реши Валенсија и пак е втора во Ла Лига (ВИДЕО)

Фудбалерите на Барселона дојдоа до посакуваните три бода во вечерашната пресметка на домашен терен против Валенсија (4-2), но далеку потешко од очекувањата и најмногу поради глупоста на гостинскиот голман Мамардашвили кој доби црвен картон во последните секунди од првото полувреме поради игра со рака надвор од шеснаесетникот.

Каталонците први поведоа со голот на Лопез во 22. минута, но пет минути подоцна изедначи Дуро и тоа по кардинална грешка на противничкиот голман. Тер Штеген сакаше да испадне мангуп и да го лобува ривалот далеку од голот, но не успеа во тоа туку само му ја подари топката со отворен пат кон празниот гол. Пепелум пак, во 38. минута им донесе водство на гостите со погодок од пенал.

Барселона со играч повеќе очекувано беше доминантна во продолжението, а творец на пресвртот беше Роберт Левандовски со хет-трик во второто полувреме и тоа со головите во 49. минута, 82. минута и во третата минута од судиското продолжување со прекрасен шут од слободен удар. Каталонскиот гигант со овој триумф се врати на втората позиција на табелата во Ла Лига со 73 бода, 11 помалку од неприкосновениот лидер Реал Мадрид и два повеќе од најголемиот ривал Џирона.