Партизан се распадна во последната четвртина, Звезда на чекор од нова титула

Црвена Звезда поведе со 2-0 во финалната серија од АБА лигата по вечерашниот триумф против Партизан со 80-73.

За разлика од првиот меч, денешниот не понуди драматика и неизвесност до крајот затоа што Партизан буквално се распадна на средина од последната четвртина. По првиот напад од тој период, во кој Смит погоди тројка, „црно-белите“ беа на само еден поен негатива (60-61), но потоа Звезда се одлепи и во финишот имаше дури и двоцифрено водство (78-67). Партизан успеа да намали на -6 по тројката на Аврамовиќ, ама тоа беше се од гостинот на овој меч.

Многу интересен ефект имаше Немања Недовиќ кој заврши како најефикасен играч на мечот со 21 поен, сите постигнати во првото полувреме во кое беше незапирлив за одбраната на Партизан. Покрај него, двоцифрени беа уште Боломбој и Лазиќ со по 10 поени, но до израз дојде тимската игра на Звезда, па сите кои се појавија на паркетот дадоа свој придонес за победата. Кај Партизан имаше четворица двоцифрени, најефикасен беше Смит со 12 поени.

Серијата сега се сели во белградската Арена каде домаќин ќе биде Партизан. Третиот меч е на програмата в недела од 20:30, а ако „црно-белите“ победат ќе има и четврти дуел на истото место.