Навивач тргна да го гушне Модриќ, обезбедувањето буквално го – патосира (ВИДЕО)

Пристигнувањето на фудбалерите на Реал Мадрид во хотелот во Минхен, каде што утре ќе го одиграат првиот полуфинален меч од Лигата на шампионите против домашниот Баерн, беше поздравено од десетици навивачи на овој клуб, но и донесе немила сцена.

Еден од фановите на „кралевите“ во моментот кога кон хотелот се упатуваше Лука Модриќ, ја прескокна оградата и тргна да го гушне, но во тоа веднаш беше спречен од обезбедувањето, кое во истиот момент буквално го патосира. Полицајците жестоко реагираа кон него поради безбедноста на Хрватот, а нешто подоцна и самиот навивач се огласи преку „Марка“.

„Добро сум, само малку ме боли главата. Само сакав да го запознаам Лука, ова е првпат да го видам во живо. Знам дека згрешив, но сакав да го ушнам. Тоа би бил најдобриот момент во мојот живот“, изјави младиот човек.

Германскиот полицаец на лице место откри дека нема да има казна за навивачот на Реал Мадрид, но му ги зеле податоците поради пишување извештај за самиот настан за кој известија бројни светски медиуми.